БУЛИНГ - врсничко насилство

Врсничкото насилство, т.н. булинг со години веќе е главна тема меѓу психолозите, социолозите, педагозите и сите оние што се занимаваат со оваа проблематика, која најмногу ги засега токму децата бидејќи тие се директни учесници.

Иако за овој проблем е пишувано многу, темата останува актуелна и во модерното современо општество. Сепак, свеста сѐ уште не е крената на повисоко ниво за сите последици што следуваат, како и за децата-жртви на врсничко насилство така и за децата што вршат врсничко насилство. Брзиот развој на технологијата, искривувањето на вредносниот систем, родителите кои сѐ помалку време им посветуваат на своите деца придонесуваат за чести вакви појави.


Булингот се појавува во различни облици:

– Вербално насилство – секој вид исмевање, повикување со погрдни имиња, навредување, заканување.

– Психичко насилство – подразбира заканување со поглед, гримаси, несакани коментари, изнудување да се даваат пари, уценување.

– Физичко насилство – подразбира удирање, туркање или земање и уништување на личните предмети.

– Социјално насилство – лажење, ширење гласини, лоши шеги, исмејување во јавност.

– Сајбер-насилство – преку користење на интернет технологија се праќаат заканувачки пораки, слики или коментари.


Кој сè може да биде жртва?

Секој може да се најде во ситуација на насилство! Сепак, за некои деца има поголема веројатност да се најдат во таква ситуација. Најчесто на училиште, тоа се деца кои по нешто се разликуваат од другите. На пример, може да се деца кои се многу високи или ниски, носат очила, слаби или крупни, од друга националност, се облекуваат скромно или невообичаено, имаат лоши оценки или се супер одлични ученици, се однесуваат на начин кој го привлекува вниманието, сиромашни или болни.


Колку често се појавува?

Некои статистички податоци за малтретирањето сугерираат дека 28% од учениците од 6 до 12 години имаат историја да бидат жртви на насилство, додека 30% од средношколците признаваат дека ги малтретирале другите ученици. Околу 10-14% од децата биле жртви на малтретирање повеќе од шест месеци. Повеќето жртви на сајбер-насилство, исто така, се жртви на насилство во училиштата. Студиите покажуваат дека наставниците честопати потценуваат колку малтретирање се случува во нивното училиште, бидејќи тие гледаат само околу 4% од инцидентите на малтретирање што се случуваат. Во светот, речиси 130 милиони или нешто повеќе од една третина ученици на возраст од 13 до 15 години биле жртви на врсничко насилство.


Дете ги покажува рацете на кои пишува: стоп за булингот!
Запрете го врсничкото насилство!

Има ли разлика помеѓу девојчињата и момчињата?

Податоците покажуваат дека нема значајни разлики во бројот на девојчиња и момчиња кои доживуваат насилство, но дека е поголем бројот на момчињата. Во вербалното, економското и емоционалното насилство нема полови разлики. Кога станува збор за физичкото насилство, момчињата се тие кај кои е поголем процентот на појава, додека девојчињата се побројни кај вербалното насилство.


Кои се причините за насилство?

Кои се причините и зошто е прашањето што сите жртви на врсничко насилство сакаат да им го постават на насилниците. Поради што ги одбрале токму нив? Дали ги изнервирале со нешто? Дали ги навредиле? Каде згрешиле? Најчесто, нема одговор на овие прашања, бидејќи и самите насилници не знаат зошто малтретираат одредени соученици. Она што најчесто се појавува како причина може да биде:

Ø Љубомора

Ø Потреба од внимание

Ø Лутина

Ø Желба за контрола или моќ над другите


Кои се знаци на претрпено насилство?

– Депресија, осаменост или анксиозност

– Ниска самодоверба

- Главоболки, стомачни болки, замор или губење апетит

– Намален успех на училиште

– Бегство од дома или нанесување штета на себе

– Необјаснети повреди

– Изгубена или уништена облека, книги, електроника или накит

– Тешкотии со спиење или чести кошмари

– Ненадејна загуба на пријатели или избегнување на социјални ситуации


Како насилството влијае врз здравјето и благосостојбата на детето?

Насилството може да влијае на физичкото и емоционалното здравје, како краткорочно, така и подоцна во животот. Тоа може да доведе до физичка повреда, социјални проблеми, емоционални проблеми. Оние што биле изложени на врсничко насилство имаат зголемен ризик за проблеми со менталното здравје, главоболки и проблеми при прилагодување на училиште. Исто така, може да предизвика долготрајна штета на самодовербата. Децата стануваат срамежливи и плашливи, не одат на училиште, учат помалку, тажни се, не се расположени за дружење, а понекогаш и тие стануваат насилни. Ако оваа ситуација трае подолго, и ако на детето не му се помогне, ова може вечно да се одбележи на личноста на детето кое претрпело насилство. Може да станат срамежливи и несреќни кога ќе бидат возрасни или може само да почнат да се однесуваат насилно.


Како да препознаете дека можеби токму вашето дете е жртва на врсничко насилство?

Познато е дека децата тешко разговараат за оваа тема. Сепак, постојат различни знаци за предупредување кои може да ви помогнат да ги препознаете или да се посомневате дека вашето дете можеби е малтретирано, а главно се однесуваат на стравот поврзан со училиштето. Доколку насилството се случува на патот од дома до училиште, детето ќе го избегнува патот, ќе ја менува вообичаената рута, ќе побара родителите да го носат во училиште и сл. Понекогаш детето може да доаѓа дома со оштетена облека или книги, да има необјасниви модринки или исеченици. Многу често тие деца даваат знаци дека се чувствуваат осамено, депресивни се, тажни, исплашени, несигурни и со ниска самодоверба. Доколку се работи за сајбер-насилство, се воочува намалено користење на компјутерот или на мобилниот телефон. На децата, главно, не им е лесно да се доверат на возрасните за тоа што го доживеале. Тоа што родителите можат да го направат е да разговараат со детето за тоа како да постапи ако се најде во ситуација кога ќе биде изложено на насилство, да му се даде до знаење дека во тие ситуации може да смета на помош и на поддршка од своите родители. Жртви на врсничко насилство се несреќни деца кои страдаат од анксиозност и нервоза, имаат ниска самодоверба, која останува и во раните младешки години, се обидуваат да ги избегнуваат училиштето и дружењето, потиштеноста им е поголема во однос на врсниците. Некои жртви на врсничко насилство се толку вознемирени што вршат или се обидуваат да извршат самоубиство. Неколку случаи на самоубиства од страна на момчиња кои биле сериозно злоупотребувани се појавиле во Норвешка во раните 80-ти години од минатиот век. Тие трагични настани доведоа до тоа таа земја да поттикне голема национална програма против насилството. Колку побрзо се спречи злоупотребувањето, толку е подобро за жртвата. Колку врсничкото насилство е подолготрајно, веројатноста од долгорочни последици е поголема. Некои последици од статистичките податоци: 20 отсто жртви не се редовни на училиште за да избегнат малтретирање; 29 отсто имаат проблеми со концентрацијата; 22 отсто чувствуваат симптоми на физичка болест; 20 отсто имаат проблеми со спиењето. Одреден процент жртви се обидуваат или извршуваат самоубиство (16 случаи годишно во Велика Британија). Исто така важно е да се препознаат сериозните долгорочни последици, кои се однесуваат на тие што ги злоупотребуваат: Склони се да станат агресивни возрасни луѓе и почесто од своите врсници судски се казнувани.


Родители, запознајте се со врсничкото насилство и запознајте ги своите деца со овој облик на насилство: Помогнете им да го избегнат злоупотребувањето и да побараат помош од постарите ако забележат врсничко насилство во својата околина!


БИДЕТЕ ПРИСУТНИ ВО ЖИВОТОТ НА ДЕТЕТО


Како да се одгледа/воспита ненасилно дете? Родителите имаат важна улога во намалување на насилството, потребно е детето да расте во дом со многу љубов. Родителите се тие кои треба да го научат и да му вградат одредени стандарди на однесување. Неколку предлози кои може да помогнат: Дајте им на децата љубов и внимание, односно близок однос со родителите за детето да се чувствува сигурно и заштитено и за да се изгради однос на доверба. Бидете присутни во животот на детето, без правилен надзор децата не ја добиваат потребната сигурност, бидете сигурни каде се децата и со кого се дружат, охрабрете ги да учествуваат во школски активности, спорт, рекреациски групи. Научете го детето како да реагира на туѓи навреди, закани или удари. Бидете модел на прифатливо однесување на своите деца, тие учат на примери од однесувањето, вредностите и погледите на родителите и другите возрасни личности исто така имаат големо влијание на нив. Не ги тепајте децата, со удирање шамари и ќотек му покажувате на детето дека е во ред да се удираат другите како би се решил проблемот и тоа може да ги поттикне да го прават истото. Заштитете ги децата од насилство дома и во соседството. Заштитете ги децата од гледање насилство во медиумите. Гледање насилство на ТВ, во филмовите и на видеоигрите може да придонесе за агресивно однесување на децата. Потребно е родителите да го контролираат количеството на насилство што децата го гледаат во медиумите. Во спречување и решавање на проблемите поврзани со насилството меѓу децата, одговорни се возрасните. Родителите и училиштето ја имаат примарната одговорност и затоа е неопходно да се работи на оваа превенција.

31 views0 comments