Зошто децата доживуваат тантруми?

Често се случува возрасните да бидат вознемирени или под стрес што резултира со импулсивни однесувања кои се случуваат во рамките на семејството, работното место или пошироката социјална средина. Тоа однесување е придружено со гласно викање по останатите од околината, кршење и оштетување на предмети (фрлање на телефон, чаша и сл.), навреди и критики на луѓето околу себе, и емотивни изливи на бес, плачење, лутина или фрустрација. За разлика од нив децата кои се вознемирени можат да врескаат, да се удираат самите себе или другите, да клоцаат со нозете, да се гребат по телото, да плачат, да го задржуваат здивот, да се фрлаат на подот или да станат некохерентни.

Зошто му се случува ова на моето дете? Дали има влошена ментална состојба? До кога ова ќе трае? Дали е намерно манипулативно однесување? Што можам и што треба јас да направам?

Ова се дел од прашањата кои ги измачуваат родителите чии деца почесто имаат тантруми.

Појавата на бес кој се јавува како силен и ненадеен емотивен излив се нарекува тантрум. Танатрумот е состојба која се јавува и кај возрасните и кај децата иако терминот тантрум најчесто е поврзан со детското однесување.


Зошто децата имаат тантруми?

Тантрумите се начин на кој децата покажуваат дека се вознемирени или фрустрирани.

Во развојната психологија се смета дека тантрумите се нормален дел од развојот на детето. Најчесто се јавуваат во период од социјалниот развој на детето (типично околу возраст од две години) кој е поврзан со многу пркосно или непослушно однесување.

Без разлика дали се благи или потешки тантрумите укажуваат на емоциите со кои детето се бори и кои не може да ги регулира. Причините кои може да го доведат детето во состојба на тантрум се многубројни но како најчести се истакнуваат следниве:


Бесот е број еден емоција што предизвикува децата да ја изгубат контролата. Детето чувствува дека заслужува или му треба нешто што намерно му е задржано - колаче, видео игра, храна што ја сака, играчка во продавница или не му е дозволено да прави што сака во тој момент. Во тие моменти се чувствува презаситено од неговата фрустрација и чувство на неправда и не можејќи да објасни што доживува одбира тоа да го манифестира физички.

Малечко машко дете плаче покажувајќи го своето незадоволство.
Дали тантрумот е намерно манипулативно однесување?

Вербални вештини

Во многу случаи, вознемиреноста се јавува затоа што детето нема вербални вештини потребни за да го изрази она што го сака. Тантрумите се чести во текот на втората година од животот, кога јазичните вештини почнуваат да се развиваат. Бидејќи малите деца сè уште не можат да кажат што сакаат, чувствуваат или имаат потреба, фрустрирачко искуство може да предизвика бес. Како што се подобруваат јазичните вештини, вознемиреноста има тенденција да се намалува.


Независност

Малите деца сакаат независност и контрола над нивната околина, повеќе отколку што навистина можат да се справат. Ова може да доведе до борби за моќ додека детето мисли „Јас можам сам“ или „Сакам, дај ми го тоа“. Кога децата ќе откријат дека не можат да го сторат тоа и не можат да имаат сè што сакаат, може да доживеат тантрум.


Неможност да ги разбере насоките на возрасните

Во текот на воспитно-образовниот процес барањата и очекувањата на родителите не се секогаш соодветни со можностите и возраста на детето. Детето се чувствува притиснато да направи нешто за што во моментот нема доволно капацитет. Притиснато помеѓу барањата од средината и неговиот можности, фрустрацијата ја изразува со импулсивно однесување т.е. тантрум.


Решавање на проблем

Кога детето ќе наиде на проблем и не знае како поинаку да се справи со тоа може да користи бурни чувства, кои ќе му помогнат проблемот да се реши во негова полза. Детето може добро да научи дека со текот на времето, ова му помага да се снајде, и да го користи како алатка за добивка на тоа што сака во сè поголем број на ситуации. Понатаму наместо да ги усовршува и вежба вештините за адаптација со кои што децата вообичаено учат да ги решаваат проблемите заеднички, ова дете учи несоодветни одговори односно однесување кое се дефинира како тантрум.


Вештини што може да му недостасуваат на детето

Без оглед на активирањето, повеќето професионалци за ментално здравје веруваат дека на децата кои имаат чести емотивни испади им недостасуваат одредени вештини што ќе им помогнат подобро да се справат со ситуациите што им предизвикуваат фрустрација, вознемиреност или лутина. Тие вклучуваат: контрола на импулс, решавање на проблем, одложување на задоволството, преговарање, комуницирање и знаење што е соодветно или што се очекува во дадена ситуација, техники за само-смирување итн.

Учењето да се справи со фрустрацијата е вештина што децата ја стекнуваат со текот на времето.

Потребно е да се знае дека тантрумот не е дијагноза за ментално здравје. Сериозноста и појавата на тантруми кај децата има тенденција да се подобрува како децата растат и созреваат.


Родителите се примарни

Без оглед на причината, стручните лица нагласуваат дека при справување со испади, првиот чекор е разбирање на предизвикувачите на тие испади (тригери) и тестирање на начините на кои може да се промени животната средина за да се намали нивната појавата. Кога станува збор за барање начини за прилагодување на животната средина на детето, родителите се примарни. „Не ги обвинуваме родителите за нервозата затоа што родителите се само дел од моделот на однесување на детето, заедно со темпераментот и развојот. Но, однесувањето на родителите е прилагодливо, така што тоа е најмоќната алатка што ја имаме за помагање на мали деца“ - д-р Дикстејн.

Доколку на детето му недостасуваат некои од вештините потребни за решавање и надминување на проблематични ситуации или пак детето ја надминува возрасната граница во која се дозволени и нормални емотивните изливи на бес, консултирајте се со психолог или друго стручно лице.

195 views0 comments