Зошто играта и игровната активност е значајна за детскиот развој?

Податоци за постоењето на играта и игровната активност постојат уште од многу одамна, а истата била разгледувана низ филозофска призма, социо-емоционална, когнитивна итн. Децата уште од најмала возраст ѝ се склони на играта, а како што растат, така нивните желби, потреби и апетити се зголемуваат што води кон создавање и играње на нови и различни видови на игри.


Зошто играта и игровната активност е значајна за детскиот развој? Како можеме да препознаеме дека играта која нашето дете ја игра не е соодветна за неговиот развоен период во тој момент? Како да ги стимулираме децата да играат и како правилно да ја насочиме нивната игра? Во следниов текст ќе дадам одговори на некои од овие прашања и ќе се обидам сосема накусо да се осврнам и на почетоците на играта и игровната активност од историски аспект.


Специфична дефиниција на поимот игра нема да дадеме, но истата можеме да ја објасниме како активност преку која децата на креативен начин осознаваат поими, појави, учат и слично. За играта и игровната активност можеме да кажеме дека обезбедува различни начини за тоа како децата да пристапат кон процесот на учење помотивирано и помоќно. Стручната јавност вели дека образовниот курикулум базиран на игра е единствен и најдобар пристап кога зборуваме за рано учење. Постојат неколку моменти во однос на играта на кои треба да се осврнеме и да обрнеме внимание како професионалци или родители и тоа:

- Играта мора да е избрана од страна на децата.

- Играта треба да е креирана од страна на децата.

- Фокусот задолжително треба да го ставиме на процесот а не на продуктот.

- Реализацијата на играта треба да биде дело на децата а не на возрасните.

- Активната вклученост треба да ни е основна мисла водилка при следење на процесот на игровна активност.

- Играта треба да предизвика интерес и забава, како и индивидуална мотивација преку задоволство од спроведените игровни активности.


Приказ на дете кое реди лего коцки
Детските рачиња редат лего коцки

Сите овие аспекти на процесот на игровна активност треба да ни бидат еден водич по кој треба да го следиме детскиот развој преку игра. Што се однесува до можни отстапувања од развојот и поврзаноста со играта, треба да внимаваме на тоа како нашето дете си игра. Доколку детето користи одредени предмети при спроведување на неговата игровна активност но постојано прави исти движења со тој предмет тогаш не можеме да кажеме дека нашето дете си игра. Играта е активност преку која децата учат, доаѓаат до нови информации, заклучоци и решаваат проблеми. Затоа е и потребата да децата си играат со своите врсници, да играат игри на преправање, глумење, логички игри и сл. Игрите за децата не треба да се премногу едноставни, игрите треба да се интересни и забавни но сепак да ги стимулираат да размислуваат и така да доаѓаат до нови сознанија, решенија.


Доколку детето не знае како да игра одредена игра наша задача како професионалци или родители би била да му покажеме како тоа се прави, но не и да ја завршиме целата работа затоа што на тој начин му даваме шаблон и не му нудиме простор на детето да ја користи својата креативност и имагинација за да ги реши можните проблеми.


Во зависност од тоа на која возраст е детето односно на кое ниво на социо-емоционален, физички, психички развој се наоѓа, ќе му понудиме и соодветни игри кои ќе му овозможат полесно преминување на следното развојно ниво. Во оваа смисла важно е и да ја забележиме содржината на игрите, да избегнуваме користење на електронски уреди и виртуелни игри колку што можеме повеќе. Нема да му дозволиме на детето да поминува часови и часови во играње на вирутелни игри и со тоа ќе спречиме можна појава на екранизам, а ќе го стимулираме социо-емоционалниот, говорниот па и моторниот развој на детето. Доколку му понудиме физичка активност, логичка игра и игра со своите врсници на нашето дете ќе му дадеме можност во целост да ги оствари своите потенцијали. Секако во одреден момент треба да му дозволиме на детето и слободна неструктурирана игра.


За крај, овој текст би го завршила со една изрека од Дијана Акерман која вели „Играта е омилениот начин на учење на нашиот мозок”. Да му ја дадеме потребната храна на нашиот мозок и да растеме здрави генерации!

66 views0 comments