Како науката го објаснува пријателството помеѓу човекот и кучето

Луѓето и кучињата се поврзани со векови, така што нивната меѓусебна врска не е случајна. Единствено науката може да даде проверливи објаснувања и да открие зошто овој животински вид претставува најдобар пријател на човекот. Без разлика дали сте благонаклонети кон овие животни или не, сигурно познавате личност која е целосно посветена на грижа и нега на својот домашен миленик.


Кучето како домашен миленик кај нас

Чувањето домашен миленик е составен дел од животот на многу луѓе во нашата земја. Според статистички податоци од надлежната Агенција за Храна и Ветеринарство(АХВ), до почетокот на месец февруари 2019 година, во град Скопје вкупно се чипирани, односно пријавени над 5,700 кучиња како домашни миленици. Што се однесува до системот на АХВ на ниво на целата држава, досега се евидентирани 49,000 домашни миленици. Ваквите релевантни податоци сведочат дека имаме огромен број на домови кои се посветени на грижа и нега на своите миленици.

Кратка историја на кучето

Мистериозната историја на кучињата во поголем дел е откриена преку археолошки истражувања. Доказите за праисториски суштества слични на кучињата ни покажуваат дека еволуцијата на кучето може да се следи уште пред милиони години. Како предци на кучињата се сметаат волците. Примарната врска која се развила помеѓу номадските ловци и волците била од взаемната корист – храна за едните, заштита и сигурност за другите. Волците биле сметани за природни сојузници и поради тоа номадските ловци започнале да ги размножуваат. Преобразбата на одредени видови волци во кучиња, (односно менувањето на нивниот изглед, карактер и однесување) веројатно започнала пред повеќе од 100,000 години. Домашниот миленик, кучето, како што ни е познат денес, се смета дека датира од пред 15,000 до 30,000 години. Врската помеѓу човекот и кучето со текот на времето сѐ повеќе растела и зајакнувала.

Мало девојче го гали кутрето со кое седи во подвижна детска  приколка
Кучето се смета за најстарото домашно милениче

Човекот и кучето во минатото и денес

Кучето е најстарото домашно животно чија грижа, хранење и одгледување било под човечка контрола. Од античките времиња, доказите од гробни слики, артефакти и текстови откриваат дека луѓето на сите нивоа на општеството чувале кучиња како сакани миленици и членови на семејството.

Во денешното општество, научно е докажана улогата на кучињата во задоволувањето на човечките потреби: дружење, пријателство, безусловна љубов и наклонетост. Голем дел од сопствениците на кучиња сметаат дека нивните миленици се членови на семејството.

Разбирање на човечкиот говор

Според спроведени анкети уште од осумдесеттите години на минатиот век, 99% од луѓето зборуваат со своите кучиња и веруваат дека нивната комуникацијата е успешна. Во најголем број случаи, сопствениците на домашни миленици користат детски говор (поедноставена форма на јазик што се користи во разговор со децата за да им помогне полесно да разберат). Докажано е дека кучињата можат да го разберат човечкиот говор, особено кога им се кажуваат пофални зборови. Познат Универзитетот од Унгарија(Eötvös Loránd University), направил истражување за да се тестира способноста на кучињата за разбирање на човечкиот говор. Биле набљудувани мозоците од 13 кучиња, додека тие слушале како нивните тренери им се обраќаат. Се забележало активирање на одредени мозочни делови кога кучињата слушале пофални зборови. Заклучокот е дека кучињата можат да го обработат она што им го кажува сопственикот и тоа на начин кој е неверојатно сличен на човековиот мозок.


Хормонот на поврзување

Научниците откриле дека помеѓу овие домашни миленици и нивните сопственици се лачи хормонот окситоцин, особено кога се гледаат после неколку часовна разделба. Исто како што и луѓето сакаат да ги гледаат во очи личностите на коишто им се восхитуваат и ги сакаат, тоа го прават и кучињата. Кога кучето го гледа сопственикот во очи, во неговиот мозок се лачи окситоцин – хормонот на љубовта. Овој хормон се произведува во мозокот кога некој сакаме. Тоа е она што на цицачите им овозможува да се врзат за некој и да почувствуваат блискост. Окситоцинот е исклучително силен „посредник“ во односот помеѓу кучето и човекот.

Причини за чување домашен миленик

Секој сопственик може да има една или повеќе причини за одгледување на домашен миленик. Една студија имала за цел да ја објасни страста за чување животни како домашни миленици, а во истата се наведуваат неколку клучни причини за сопственост на миленик:

1. Животно кое се чува поради неговата естетска вредност;

2.Животно кое се чува како статусен симбол;

3.Животно кое се чува како заштитник;

4. Животно кое се чува поради тераписка цел;

5. Животно кое има улога на придружник, пријател, член на семејство.

Не постои причина за која се смета дека има највеќе влијание во донесување на одлука да се чува домашен миленик. Но, сепак, искрените љубители на кучиња сакаат да веруваат дека сите домашните миленици се третирани како членови на семејството.

Што прави кучето за човекот

Научните докази покажале дека многу здравствени придобивки доаѓаат заедно со чувањето миленици. Кучињата им помагаат на нивните сопственици да се релаксираат, да го намалат стресот и крвниот притисок, да се изборат против депресијата, да останат физички активни. Терапевтските кучиња им помагаат на луѓето со ментална или телесна попреченост, службените кучиња помагаат во пребарување и спасување, чуваат вредни имоти и ги заштитуваат луѓето.

Сопствениците веруваат дека добиваат многу повеќе љубов и емпатија од нивните миленици, отколку што даваат. Кучињата ги сметаат како доверливи суштества, каде не постои ризик од предавство. Покрај обезбедувањето на емоционални придобивки, сопствениците имаат можност да го подобрат своето физичко и ментално здравје. На крајот, како потврда за сето погоре, повеќето сопственици сметаат дека нивниот однос со миленикот е подлабок и позначаен во споредба со многу просечни, површни односи помеѓу луѓето во 21 век.

125 views0 comments