Како успешно да работите од дома во присуство на детето и дадилката

И покрај дозволата за враќање на родителите на работните места, сепак, одреден број на родители на мали деца, кои имаат можност продолжуваат да работат од дома за време на пандемијата. Сепак работењето од дома подразбира исполнување на потребите и очекувањата на вашиот работодавец, за што е потребно концентрација и посветеност. Сфаќате дека Ви е потребна дадилка бидејќи „multitasking“ во однос на работа и обврски околу детето повеќе не функционира. Тоа значи дека дадилката која ќе ја ангажирате треба ефикасно да се справи со сите потреби за згрижување, нега и едукација на вашето дете. Како на најлесен начин да дојдете до посакуваниот резултат?


Спална соба адаптирана во канцелариски простор
Спална соба и домашна канцеларија 2 во 1

1. Поставете очекувања од самиот почеток

Бидете јасни во описот на работата и процесот на ангажирање дека едниот родител ќе работи од дома. Важно е дадилката да се чувствува пријатно во нејзиното работно опкружување и затоа барајте ја личноста која ќе сака да се грижи за вашето дете во такви околности.


2. Дискутирајте за стилот на родителство

Објаснете го Вашиот стил на воспитување, дисциплина и на дадилката дадете ѝ прецизни упатства за исхрана, дневни активности, правила на домот и ваши очекувања. Потребно е дадилката да биде партнер во воспитувањето на детето. Наведете ги сите работни активности и очекувања во писмена форма во договорот кој ќе го склучите со неа.


3. Воспоставете ја вашата домашна канцеларија

Одредете соба за себе каде ќе работите во текот на денот. Тоа може да биде спална соба или друга просторија каде ќе може да ја затворите вратата и спокојно да работите. Доколку имате потреба да ја употребите кујната, обидете се тоа да го сторите додека детето е на прошетка со дадилката или пак за време на неговата попладневна дремка со цел да не предизвикате нарушувања во дневната рутина на вашето дете.


4. Создадете дневен план со дадилката

Доколку имате поголемо дете кое разбира дека работите во другата просторија, можете да закажете одредено време во текот на денот кога ќе поминете време заедно со него. Тоа може да биде вашата пауза од работното време која ќе ја искористите за ручек со него или пак читање приказна пред попладневно спиење. Доколку планирате ваква активност потребно е истата да се случува секојдневно за да стане дел од неговата рутина и тоа да биде време што ќе го очекува со нетрпение. Покрај тоа, ваквата рутина ќе помогне да се создадат граници и основни правила за вашето работење дома.


5. Оставете ја дадилката да ја заврши својата работа

Ангажиравте професионална личност да се грижи за вашето најмило за да можете да работите. Затоа оставете ја дадилката да ја заврши својата работа, а вие спокојно фокусирајте се на вашата. Кога наутро ќе пристигне дадилката во вашиот дом, гушнете го вашето дете за поздрав и упатете се кон „канцеларијата“ како што обично би правеле доколку патувате на работа. Само не заборавајте да го потсетите дека заедно ќе ручате 😊


Доколку сте во потрага по професионална дадилка или друг профил на стручњак за работа со вашето дете, разгледајте ги категориите и профилите на платформата на линкот: профили на баратели на работа. Во моментот на платформа има над 120 профили! Заштедете време и на еден клик од вашата канцеларија дојдете до дадилката која ви е потребна.

26 views0 comments