Нега на папокот кај новороденче

Малечко, нежно новороденче на стомачето гордо носи знак од својот живот во претходните 9 месеци. Знак пред кој секој родител барем еднаш затреперил исплашено и се запрашал дали е сѐ во ред. Во главно, сѐ е во најдобар ред. Но прашањето како да се одржува папокот на новороденчето и понатаму останува застрашувачко. Се надевам дека овој блог пост ќе ви помогне да ја надминете вашата загриженост и ќе ви ги олесни првите недели со бебето кога е во прашање основна грижа и нега на папокот.


Папочето е дел од папочната врвка што е подврзан при раѓањето на бебе. Папочната врвца што ги поврзува бебето и плацентата во матката е направена од крвни садови и сврзно ткиво. По раѓањето, сечењето на папочната врвка физички и симболично ги раздвојува мајката и бебето. Остатокот од папочната врвца се суши, паѓа, а раната заздравува. Остатокот од папочната врвца се раздвојува и паѓа помеѓу 5 и 15 дена по раѓањето. Пред раздвојувањето, папокот на новороденчето е подложен на инфекции. Начинот на манипулација и одржување на папочната врвца веднаш по раѓањето влијае на потенцијално создавање на бактерии и време на паѓање на папокот.



Извори на потенцијални патогени бактерии можат да потекнуваат од родилниот канал и различни локални бактериски извори на местото на раѓање, најмногу од нестерилни раце со кои се допира папочната врвца и папокот. Најчеста бактерија која се појавува во папочната врвца е стафилокок аурес, но се појавуваат и други бактерии како што се група А и група Б стрептококи и грам-негативни, вклучувајќи Ешерихија коли, видови на Клебсиела и Псевдомонас бактерии. Ретко, анаеробно и може да бидат и полимикробни инфекции. Омфалитис е најчеста појава предизвикана од бактериска инфекција. Омфалитисот се дефинира како инфекција на папочната врвца и се карактеризира со присуство на гној, абдоминална еритема (црвенило) или оток.

За да се постигне целта на спречување на омфалитис и други инфекции негата на папочната врвца мора да биде хигиенска. Папочната врвца се сече со стерилни ножици со употреба на стерилни ракавици, за да се спречи бактериска инфекција. И додека оваа постапка е општо прифатена и се применува речиси секаде низ светот при породување, во однос на одржување на нега на папокот по сечењето на папочната врвца постојат различни пристапи.


Светската здравствена организација (СЗО) уште од 1998 година се залага за употреба на сува нега на остатокот на папочната врвца (одржување без примена на какви било средства и оставајќи ја изложена на воздухот). Исто така, Американската академија за педијатрија смета дека антисептичкиот третман не е супериорен во однос на кој било друг третман. Упатствата на Германското здружение за неонантологија и детска интензивна нега препорачуваат суво чистење и нега на остатокот од папочната врвца и делот околу папокот.

Во 2013 година СЗО повторно препорача сува нега на остатокот на папочната врвца за новороденчињата родени во здравствени установи, но медицинските работници и понатаму користат различни процедури за одржување на остатокот на папочната врвца според нивните искуства и нивните преференции.


Факти кои треба да ги знаете

- Во текот на сушењето папочната врвца менува боја од светла до темно сива/зелена/кафеава.

- Папочната врвца вообичаено паѓа во период од 10 до 14 дена од раѓањето. Нормално е и папочната врвца да падне во период од 7 до 21 ден по раѓањето.

- Време (ден) на паѓање на папочната врвца кај секое бебе е различно.

- По паѓањето на врвцата, папокот постепено зараснува.

- Нормално е папокот да биде црвен на место на паѓање на врвцата.

- Нормална е појава на мал секрет на папокот по паѓање на врвцата.

- Понекогаш на папокот може да се појави краста. Постепено крастата ќе падне.

- Доколку користите алкохол, користете го во мали количини. Алкохолот може да ги уништи и добрите бактерии кои влијаат на зараснување на раната.

- Внимавајте на пелената и секогаш наместете ја под папокот.


Постапка на одржување на папокот

Во блог постот „Бањање на бебе“ пишував како да го бањате бебето пред да падне папочната врвца. Бебето се бања преку рака, односно не се става во кадичка да лежи во вода (прочитајте повеќе ТУКА) за да се заштити папокот од вода и потенцијална инфекција. Откако ќе го избањате бебето проверете дали папокот и површината околу него се суви. Доколку не се, употребете стерилна газа и со нежно тапкање соберете ги капките вода. Доколку вашиот педијатар ви има препорачано употреба на алкохол (70%), нанесете мала количина (неколку капки) алкохол на стерилна газа и нежно избришете го делот околу папокот.

Не е потребно да ставате какво било друго антисептичко средство. Не го мачкајте папокот со крема. Не ставајте пудра на папокот. Наведените ставови се дел од препораките на Светска здравствена организација. Вие како родител во консултација со вашиот педијатар носите одлука дали и на кој начин ќе ги користите дополнителните средства во нега на папокот.

Ставете му пелена на бебето и при прицврстување, наместете ја така да се наоѓа под папокот на бебето. Ова е важно бидејќи содржината (особено урина) од пелената може да се пренесе на папокот и да предизвика инфекција доколку пелената го прекрива папокот. Потоа облечете го бебето и уживајте заедно.


Според препораките, нега и проверка на папокот треба да правите најмалку 2 пати во денот и при секое бањање. Сепак логично е дека при секое пресоблекување ќе го погледнете и папокот и ќе ја наместите пелената под папокот.


Знаци на потенцијална инфекција

Доколку забележите некој од следните знаци потребно да се консултирате со вашиот педијатар.

- Црвенило на кожата околу папокот;

- Течење на секрет или гној од раната;

- Невообичаен мирис од папокот;

- Покачена телесна температура.

Одржување на кожата на бебето и негата на папокот се поврзани, бидејќи често инфекциите доаѓаат од кожата. Затоа е важно кожата и папокот да бидат суви, бидејќи влажна кожа и влажен папок се идеално место за развој на микроорганизми.


Папокот кај новороденче зафатен со бактериска инфекција
Инфекција на папокот кај новороденче

Папочната кила

На местото каде што отпаѓа папочната врвца, останува отвор во стомачен ѕид, односно непотполно затворање на папокот. Овој отвор може да биде со различна величина, до големина на орев. Помалите папочни кили не се лечат и не се третираат, бидејќи вообичаено поминуваат спонтано. Кила вообичаено се забележува кога бебето се напнува – плаче, врши голема нужда. Кила не е опасна и не предизвикува никакви болки или тегоби кај бебето. Доколку папочната кила е поголема, потребна е консултација со педијатар и хирург со цел да се утврди потреба за оперативен зафат.


3 интересни факти

  • Папокот е лузна. Точката на нашиот стомак е местото каде папочната врвца беше врзана за плацентата на нашата мајка. Кога врвцата е пресечена, останува мал дел, што паѓа после неколку дена од раѓање како што веќе кажавме. Потоа останува лузната.

  • Секое бебе е единствено, различно и посебно. Секој папок е уникатен. Во папокот има толку различни видови на бактерии, што кај секое бебе има различен состав. Досега, откриени се околу 2.400 различни видови бактерии кои живеат во папокот. Сепак, тие му помагаат на телото да се заштити од штетни патогени. Со помош на овие микроби се формира специфичен екосистем кој потпомага нормално функционирање на имунолошкиот систем.

  • Изгледот и обликот на папокот на вашето бебе не зависи од тоа како докторот ја има пресечено папочната врвца. Папокот може да биде благо извишен/издигнат над стомачниот ѕид но исто така и повлечен навнатре. Со текот на времето тој се менува и речиси само 10% од луѓето имаат ист изглед на папокот кога ќе станат возрасни. Откажете се од идеја да ставате метална паричка или друг предмет за да го обликувате папокот на бебето, да биде поубав. 21 век сме, различностае веќе одамна норма.


Пирсинг

За ова ќе размислувате за некои 10-12 години кога вашето бебе, кое туку така веќе стана тинејџер, еден ден ќе дојде и ќе ви каже за тоа како пирсингот е повторно во мода и задолжително треба да го направи...

Времето лета, за еден миг сите стравови и грижи што ги имате сега ќе ги снема, а ќе дојдат некои други, кои се чинат уште пострашни. Слушајте ги вашите родителски инстинкти, размислувајте рационално и уживајте во секој момент со вашето новороденче. Живејте го животот секој ден, а паметете ги моментите.

69 views0 comments