Породилно отсуство - митови и реалност

Деновиве по повод на предложените измени на Закон за работни односи, се води дискусија или како што милуваат да кажат од институциите се водат широки консултативни процеси со сите засегнати партнери по повод на Законот за работни односи и продолжување на породилното отсуство.

Широки консултативни процеси – сите слушнале дека постојат, никој никогаш не ги видел и не учествувал во нив. Се разбира во учесниците не ги сметаме вечните (не)владини организации, експерти за секоја област, како ни вработените во државната администрација кои едвај знаат да го најдат патот до институцијата во која работат, ниту синдикатите што постојат само на хартија.


Предолгото отсуство на жената од пазарот на трудот ја става во подредена состојба

Што значи подредена состојба? Подредена во однос на кого? Работа, работодавач, колеги, други мажи, други жени. Што е воопшто подредена состојба? Со години наназад бремените жени и мајки на новородени бебиња се опишуваат како некој што има некаква мана, што е всушност прикривање на реалните проблеми.


Да почнеме со расветлување на мистериите на бременоста и мајчинство


Мит 1: Бремена жена не може да работи

Бремена жена е здрава жена. Бременоста е избор, за секоја зрела и одговорна личност тоа е избор што свесно го носиме. Освен патолошки состојби кога е потребен специфичен медицински надзор и следење, бременоста е знак на здрава женска личност. Бремена жена може да работи, сосема нормално како и секоја друга жена што не е бремена. Значи, на бремената жена ништо не ѝ фали, и нема никаква мана или слабост во поглед на работната способност.


Мит 2: Мајка не е способна да работи како жена која не е мајка

Мајка на новороденче е жена со дете. Не е жена со дефект или специфична мана во поглед на работната способност. Мајката на новороденче има две главни одговорности: да се грижи за бебето и да се грижи за сопствена психофизичка состојба. Да нема недоразбирања и шпекулации новороденче значи бебе на возраст до 3 месеци. Во тој период одговорноста на мајката е да се погрижи за бебето и за себе си. Меѓународна организација на труд препорачува на сите земји да обезбедат минимум 14 недели платено породилно отсуство.


Мит 3: Мајка со мало дете ќе биде постојано на боледување

Доколку детето е болно и не може да оди во градинка, некој мора да се грижи за него дома. Тоа не мора и не треба да биде задолжително мајката. За детето може да се грижи и таткото кој исто така може да земе боледување. Нема ниту една причина зошто таткото не може да се грижи за детето во ваков случај. Исто така во денешното време постојат и многу други облици на алтернативна помош околу згрижување и нега дете.


Мит 4: Породилното отсуство ги уназадува жените во поглед на развој на кариера

Развојот на кариера се случува од моментот кога се определуваме за одредено образование па сѐ до пензија. Речиси цел живот. Една година или неколку месеци породилно отсуство ниту на еден начин не може да ја уназади положбата на жената во поглед на развој на кариера. Ако жената сака да работи, ќе работи. Ако не сака да работи и нема желба да развива кариера не помага тука ни породилното, ни законот, ни бенефициите. Премногу значење се дава на една година породилно отсуство. Во кариерата на една личност една година не е пресудна. Во животот на едно бебе, една година е цел живот.


Нејсе, да видиме понатаму што се случува со жените и развојот на кариера. Изминативе децении сведоци сме на следното:


Реалност 1: Жените се помалку платени од мажите

Без оглед на тоа дали се мајки со мало дете/деца, девојки или мајки со возрасни, самостојни деца, истражувањата со години наназад покажуваат дека жените се помалку платени од мажите на иста работна позиција. Особено е тоа видливо кај менаџерски и повисоки работни позиции. Во сите индустрии. Актерките во Холивуд и ден денес се помалку платени од актерите. Жените спортисти заработуваат помалку од мажите спортисти. Не затоа што се мајки, туку затоа што се жени.


Реалност 2: Мажите се значително позастапени и побројни на управувачки позиции, во политика и во бизнис

Пак со години наназад имаме реални истражувања кои покажуваат дека мажите директори, сопственици на бизнис, на високи политички позиции се многу побројни од жените. Истите тие мажи се женети, имаат деца, семејство... се она што го имаат и жените кога се мајки. Но, сепак се позастапени. Не затоа што имаат деца, туку затоа што се мажи.


Реалност 3: Пандемијата повторно ги извади на површина сите нееднаквости

Голем број на компании кои водат сметка за вработените, веќе се произнесоа со интерни наоди дека најголемата тежина во поглед на работа од дома и предизвици настанати од пандемијата падна на жените. Ова го потврдуваат и истражувањата на меѓународна организација на трудот, ОЕЦД и други. Но одговорот на прашањето зошто е тоа така го нема.


Реалност 4: Жените се способни еднакво и повеќе од мажите.

Секоја жена е способна еднакво како и кој било маж. Може да направи исто и повеќе. Доколку сака.

Клучни зборови – доколку сака. Не постои ништо што не може да направи една жена доколку навистина сака. Важно е да не го заборавиме фактот дека сѐ има своја цена која треба да ја знаеме пред решиме да ја платиме. Не постои можност во ист момент да бидете совршени во сѐ. Едноставно не постои. Ако сакаме во одреден момент да се посветиме на развој на кариерата или бизнисот тогаш сѐ друго е подредено. Нема денес одам на кафе, утре одам во шопинг со пријателки, дремам на социјални мрежи, ќе излегувам секоја вечер, ќе одам на продолжен викенд, секоја втора недела има некаков неработен ден ќе спојам со викенд. Нема. Сета енергија, сето време ќе го употребам за развој на кариерата. Секоја минута и така се додека не ја постигнам целта. Ама тешко e! E па никој не рече дека е лесно. Но важно е дека е возможно.


Да не се занесуваме дека како извршната директорка на Yahoo ќе доаѓаме на работа со новороденче и така ќе бидеме пример како може да се биде и мајка и успешна жена. Ако не сте директор на Yahoo тоа нема да се случи. Зошто? Затоа што таа жена најпрвин станала директор на Yahoo – работела напорно 10 години на својата кариера, па потоа станала мајка и има можност и слобода да го донесе бебето и дадилката на работното место. И сосема е сигурно дека во Yahoo има уште многу успешни жени, со супер кариери но не и со исти можности како извршната директорка. Како впрочем и во други компании.

Како и се друго, прашањето е што ќе изберете. Дали сакате да бидете успешни, што се вашите приоритети и каков е редоследот на приоритетите? Кога ќе одговориме на овие три прашања, ќе донесеме одлука за наредни чекори и ќе преземеме одговорност, дури тогаш сме на патот кон успехот.

Апсолутно можеме да бидеме и мајка и жена и успешна во кариерата и во бизнисот. Само не во исто време. Бидејќи за да бидеме врвни во една улога потребно е да се посветиме и фокусираме на таа улога 100%.


Породилното отсуство е гола вода во пошироката слика на воспитување и едукација на едно дете. Секој ден, со години потребно е едно дете да се насочува, подучува и поттикнува од страна на родителите, образовен систем и општество за да стане самостојно, да научи самодисциплина и контрола, да разбере дека образованието е најмоќно оружје, да донесува одлуки и работи на нив, да не прави никаква разлика помеѓу мажите и жените во поглед на предиспозиции, способности и шанси за успех.


Реално е и разумно да се дискутира дали породилно отсуство да биде 11, 12 или 13 месеци. Непотребно е да се создава лажна слика дека породилното отсуство е клучен фактор во развојот на кариера и унапредување/уназадување на положбата на жените на пазарот на трудот.

1,108 views0 comments