Првата година од животот на кучињата


0 – 8 недели

Првите осум недели се едни од најважните во животот на вашето куче. Во овој период неговиот мозок е подложен на толку голем развој што кучето ќе научи сѐ што му треба за формирање на неговиот карактер и особености.


Во овие осум недели вашето куче исто така ќе се здобие со целосна контрола врз неговото тело, ќе му се развие моториката, ќе биде способно самостојно да стои, ќе ги користи сите сетила и ќе почнат да му растат првите заби. Во однос на овие промени не е потребна ваша интервенција. Исто како и првото проодување кај бебињата, кучето сето ова ќе го научи и направи само.

Значајна работа од животот на вашето куче е неговата прва социјализација. Ова е време кога ќе почне да ја учи суштината на тоа што значи да се биде куче, како да си игра, како да гризе и како да се однесува. Сите овие важни лекции се учат при интеракција со другите кучињата, затоа е битно кучето да помине што поголем дел од времето играјќи си со неговите братчиња и сестричиња.

Кучињата вообичаено почнуваат да јадат цврста храна во третата или четвртата недела, но продолжуваат да цицаат млеко од мајката. Помеѓу шестата и осмата недела престануваат со цицање и тогаш комплетно се префрлаат на цврста храна. Некои сопственици се прашуваат дали е навистина потребно кучињата да се хранат со специјализирана храна. Одговорот е да. Кучешката храна е богата со калории и е збогатена во сите нутритивни вредности за кучето да порасне големо и силно. Помалите раси физички се развиваат побрзо од поголемите. Во зависност од тоа дали се работи за мала или голема раса, во првата, односно втората година од животот потребно е да го храните со кучешка храна за млади кучиња. По изминување на овој период можете да започнете да му давате храна за возрасни кучиња.


08 – 16 недели

Повеќето кучиња се вдомуваат кога ќе наполнат осум недели. Откако Вашето куче ќе пристигне во својот нов дом, во следните осум недели ќе забележите големи промени. Причината за тоа е развивањето на неговиот мозок кое влијае кучето да се приспособува на човечкиот свет. Оваа фаза е фокусирана целосно на вас и на вашето куче. Дресурата треба да започне во истиот момент кога ќе го донесете дома. Доколку не го тренирате активно имајте предвид дека неговиот мозок е млад и константно учи како добри така и лоши особини. Затоа најдобро е да започнете со дресура што поскоро и да ја практикувате што почесто. Учете го вашето куче сѐ и тоа започнувајќи од тоа каде и кога треба да извршува физиолошки потреби, каде ќе стои неговата храна и вода, како да се шета со поводник, и научете го да разбира основни команди како што се: „седни“, „дојди“, „стани“ и „застани“. Што се однесува до првите вакцини, во консултација со вашиот ветеринар практикувајте да го носите кучето редовно на вакцинација.

Шест кафени штотуку родени кутриња спијат помеѓу плишани играчки
Кафени преслатки плишани кутренца

4 – 6 месеци

Ова е период на интензивно растење на вашето куче. Доколку имате прилично енергично куче од вас се очекува да играте со него колку што е можно почесто. Сепак не претерувајте затоа што неговите коски и мускули сѐ уште се во развој и не се подготвени да поднесат големи напори. Ова особено важи за поголемите кучешки раси. Во овие неколку месеци ќе забележите различно однесување кај вашето куче: некогаш ќе биде послушно, а понекогаш непослушно. Бидете трпеливи со него и одржувајте ја дневната рутина затоа што тоа е единствениот начин да дознае што се очекува од него. Порано или подоцна кучето ќе започне да ги почитува правилата во домот.


6 – 12 месеци

Поголемиот број на кучиња ќе ја достигнат својата зрелост во првата година, додека кај поголемите раси тоа ќе се случи кога ќе се доближат до втората година од животот. Истото се однесува и за нивната големина. Малите раси во овој период ќе ја достигнат својата предодредена големина, додека средните и големите раси ќе продолжат да растат и во периодот од дванаесет месеци до две години. Како и да е, во овој период енергијата на вашето куче ќе биде значително зголемена.

Што се однесува до дресирањето за извршување на физиолошките потреби надвор од домот, повеќето кучиња кои наполниле шест месеци веќе имаат целосна контрола врз мочниот меур и цревата. Сепак, некои кучиња можно е да имаат потреба од подолг временски период за целосно прилагодување на ваквата рутина. Продолжете да бидете трпеливи и доследни, тоа е нормално. Доколку вашето куче и во наредните месеци сè уште не може да се прилагоди, тогаш консултирајте се со ветеринарот. Можно е кучето да има здравствен проблем што треба да се лекува.

Другите промени кои се забележуваат на оваа возраст се забите на кучето, кои во овој период веќе ќе бидат израснати. Помеѓу шест и осум месеци, кучињата достигнуваат сексуална зрелост. Вик како сопственик треба да размислите да го стерилизирате, односно кастрирате вашето куче кога неговиот целосен раст и развој ќе заврши. Социјализацијата треба да продолжи во овој период бидејќи кучето сѐ уште ја истражува околината и учи нови работи. Продолжете да го изложувате кучето на нови искуства, луѓе, работи, места, звуци и не заборавајте да го наградите за неговото примерно однесување.


За крај, релаксирајте се и уживајте во првата година од животот на вашиот миленик која ќе биде само почеток на една голема заедничка авантура полна со љубов и насмевки.

57 views0 comments