Пубертет кај кучињата

На луѓето им требаат години да се развијат и да созреат. Во нашите очи, домашните миленици - кучињата созреваат речиси преку ноќ. Еден ден имате неодоливо мало кутре во вашите раце, а за неколку месеци истото кученце почнува да покажува промени во однесувањето и расположението и да влегува во пубертет. Во продолжение ќе дознаете како да го одржите вашето куче здраво, да спречите несакано размножување и да бидете одговорен сопственик.


Пубертетот е период кој се случува од шест до девет месеци старост на кучето, во зависност од неговата раса и големина. Вообичаено, на поголемите раси им треба подолго време да се развијат. Тоа е период во кој се случува полова и социјална зрелост на кучето. Во пубертетот кучето доживува значителни хормонални промени кои резултираат со физички развој и изменето однесување.


Промени во однесувањето

За време на овој период, една од првите работи што може да ги забележите кај вашето куче е дека неговото однесување почнува да се менува. Може да случат промени во неговата интеракција со вас, бидејќи малото слатко кутре станува поцврсто и посамостојно. Полека почнува да добива друг третман и различно однесување од страна на другите кучиња, бидејќи веќе ги нема „привилегиите на кученце“ во кои порано уживаше. Доколку претходно вашето куче било малку резервирано, во овој период може да стане срамежливо. Но, ако досега покажувало смелост, за време на пубертетот може да стане премногу самоуверено.


Физички знаци на пубертет кај кучињата

Кај женката првиот циклус се случува на возраст од шест до петнаесет месеци, во зависност од расата и големината. Кога женката ќе стане зрела, циклусот се појавува приближно на секои седум месеци и трае две до три недели. Од почетокот до крајот на циклусот женката може да биде плодна.

Во првите десет дена и покрај тоа што женката привлекува особено внимание, не дозволува парење и знае да биде прилично агресивна. По изминување на овие денови, женката влегува во нова фаза, која трае околу девет дена. Во оваа фаза, женката е плодна и подготвена за парење. Интересот на мажјаците за неа во овој период е многу поголем од претходно. Женката може да забремени дури и за време на нејзиниот прв циклус, па не заборавајте да ја следите внимателно и да ја држите на поводник кога ќе ја изнесете надвор. За да избегнете „напади“ од страна на мажјаците, дневните прошетки правете ги порано или подоцна кога улиците и парковите се празни и кога веројатноста за средби е помала.

За разлика од женката, мажјакот е полово активен во текот на целата година. Мажјакот може да биде способен да оплоди женка уште кога е на возраст од пет месеци, но сепак тој е најплоден откако ќе стане целосно зрел на возраст од дванаесет до петнаесет месеци. Штом нивото на тестостерон се зголемува, мажјакот ја крева ногата за време на уринирање и започнува да ја обележува својата територија. Во оваа фаза, мажјакот има поголемо ниво на тестостерон отколку што имаат возрасните кучиња. Тоа најчесто предизвикува возрасните кучиња да бидат агресивни кон него.

Весело куче бишон трча во природа
Како изгледа кога се ужива во трчањето надвор

Стерилизација/кастрација на кучиња

Што се однесува до стерилизација на женката, односно кастрација на мажјакот истражувањата покажуваат дека премногу раните процедури можат да влијаат на долгорочното здравје. После рана стерилизација и кастрација се зголемуваат проблемите со коските, се појавуваат коскени тумори, не се развива во целост мускулатурата и кучињата се повеќе склони кон дебелеење. Затоа подобро е да се почека до настапување на вистинска полова зрелост, кога шансите за тумори на коските се намалени и кучињата се подготвени за стерилизација и кастрација без лоши последици.

Доколку не планирате да го парите кучето или пак да го одгледувате за создавање на потомство што преставува голема одговорност за еден сопственик, најдобро е да се одлучите да го стерилизирате или кастрирате. Повеќе за стерилизирација и кастрација кај домашниот миленик можете да прочитате во интервјуто со д-р Мила Никуљска, кое е објавено на блогот, во истата категорија за домашни миленици.


Во овој период на пубертет на вашето куче обидете се да бидете трпеливи. Запомнете дека ова е само фаза што ќе заврши кога кучето ќе созрее и порасне. Продолжувањето на обуката и тренингот на кучето за време на пубертетот ќе помогне да се зајакне неговото позитивно однесување, а да се обесхрабри лошото поведение. Познавањето на промените што стојат зад половата зрелост кај кучињата, ќе ви помогне да го разберете различното и понекогаш збунувачко однесување на вашето куче. Запомнете какви предизвици со себе носи овој период, за полесно да одлучите дали ќе се изложите на премногу одговорен процес кој доаѓа со парење и размножување на вашето куче или ќе се согласите да го стерилизирате/кастрирате кучето и со тоа да спасите стотици животи на кутриња кои утре заради неодговорно сопствеништво можат да завршат на улица.


156 views0 comments