Спиење кај новороденче

Да добро прочитавте - спиење кај новороденче. Дали тоа постои? Постои. Сосема друго прашање е спиење кај родители на новороденче. Тоа сè уште е во зона на неверојатни работи кои му се случуваат на еден родител. Сигурна сум дека за спиењето кај родителите секој родител може да напише серија на блог постови на таа тема. Но, да видиме што се случува со спиење кај новороденчето.

За време на првите месеци на животот, бебињата спијат секогаш кога се уморни. Ние тука не можеме многу да промениме. Кога бебето е уморно ќе спие, а кога не е уморно тешко дека ќе можете да го успиете. Секако познавањето на научни факти за сонот кај бебињата многу можат да ни помогнат да се организираме и да си го олесниме и денот и ноќта со бебенцето.


Фази на сонот

Спиењето и кај возрасните и кај бебињата се одвива во фази. Меѓутоа шаблонот на спиење кај новороденчињата многу се разликува од оној на возрасните. Моделите на спиење кај новороденчињата почнуваат да се формираат во последните месеци од бременоста. Постојат две фази на сон: РЕМ (rapid eye movement) фаза на сонот и Не-РЕМ фаза на сонот. Фазите на сонот се разликуваат според активноста на мозокот во текот на спиење.


За време на РЕМ спиењето, активноста на мозокот се крева, речиси на ниво кога сме будни. Во исто време, телото доживува атонија, што е привремена парализа на мускулите, со два исклучоци: очите и мускулите кои го контролираат дишењето. И покрај тоа што очите се затворени, може да се забележи дека се движат брзо (оттаму и називот rapid eye movement). Се верува дека РЕМ сонот е од суштинско значење за когнитивните функции како што се меморијата, учењето и креативноста. РЕМ сонот е познат по најживописните соништа, што се објаснува со значително зголемување на активноста на мозокот. Новороденчињата поминуваат многу повеќе време (околу 50%) во РЕМ фаза на спиење и може да влезат во РЕМ сонот веднаш штом заспијат. Како што растат, нивниот сон станува сличен на оној на возрасните, достигнувајќи споредлива шема на спиење со возрасните некаде на 5 годишна возраст.


Не-РЕМ спиење има 4 фази:

Фаза 1: поспаност, затворање и отворање на очите, дремење

Фаза 2: лесен сон, бебето се движи и може ненадејно да скокне/да се раздвижи со звуци

Фаза 3: длабок сон, бебето е тивко и не се движи

Фаза 4: многу длабок сон, бебето е тивко и не се движи

Бебето влегува во фаза 1 на почетокот на циклусот на спиење, потоа преминува во фаза 2, потоа 3, потоа 4, потоа се враќа во 3, потоа во 2, потоа во РЕМ. Овие циклуси може да се појават неколку пати за време на спиењето. Бебињата може да се разбудат кога преминуваат од длабок сон во лесен сон и кога ќе се случи тоа, можат да имаат потешкотии да се вратат на спиење во првите неколку месеци. Се верува дека Не-РЕМ спиењето функционира првенствено како мирна фаза на спиење, насочена на одмор, закрепнување и создавање на енергија. Не-РЕМ сонот исто така претставува временски период на релативно мала активност на мозокот за време на кој регулаторниот капацитет на мозокот продолжува да биде активен и се зачувуваат движењата на телото. Не-РЕМ спиењето обично се поврзува со минимална или фрагментарна ментална активност.


Раното детство е критичен временски период кога се јавува нормативна транзиција на моделот на спиење-будност, што се карактеризира со консолидација на ноќниот сон и прекинување на дневниот сон. Траењето на спиење и сонот се намалува како што детето расте, особено во првата година на живот. Се намалуваат и ноќното и дневното спиење со тоа што дневниот сон постепено опаѓа, додека степенот до кој се намалува ноќниот сон е помалку забележителен во овој временски период. Новороденчињата (0–3 месеци) немаат воспоставен деноноќен ритам, а пресвртот на денот / ноќта е чест во првите неколку недели по раѓањето. Редовниот ритам на периоди на поспаност и будност се појавува некаде на 2-3 месеци возраст, а спиењето станува сè повеќе ноќно на возраст од 4 до 12 месеци. Додека децата продолжуваат да спијат дење до 4-5 години, бројот на спиењето се намалува од 2 пати спиење на 1 спиење во просек за возраст од 18 месеци.

Ова нè доведува и до клучното прашање „Што е доволен и квалитетен сон за децата“? Општо кажано, здравиот сон бара соодветно времетраење, соодветно време на легнување, добар квалитет, континуитет, рутина и отсуство на нарушувања на спиењето. Една од препораките за времетраење на сонот го предвидува следното:


Табела со препорачано време на спиење на новороденче и деца до предшколска возраст
Спиење кај децата

Наведените препораки се индикативни. Секое дете е различно и има сопствени потреби за сон.


Хигиена на спиењето

Иако генетиката игра важна улога во индивидуалната потреба за спиење, многу практики за здрав сон можат да им помогнат на децата да постигнат квалитетен сон и должина на спиење соодветни на возраста, од самиот почеток на нивниот живот.

Позитивните практики на спиење (познати како „хигиена на спиењето“) се од суштинско значење за воспоставување на здрав начин на спиење во текот на првите години од животот. Така, се препорачува родителите да започнат со промовирање на добра хигиена на спиењето со воспоставување на безбедна и пријатна средина за спиење, редовна рутина пред спиење и соодветни асоцијации/насоки за почеток на спиењето, почнувајќи од раѓањето и во текот на целото детство.


Редовна и постојана рутина пред спиење

Да се има редовна и постојана рутина пред спиење е еден од клучните чекори за да се постигне добар квалитет на спиењето и да се остварат здравствени придобивки од сонот кај малите деца. Рутината на децата им обезбедува чувство на предвидливост и безбедност и помага при преминување од една на друга активност. Рутините пред спиење му најавуваат на бебето дека доаѓа сон и му помагаат ментално да се подготви за спиењето. Рутината пред спиење треба да вклучува 3-4 активности за смирување и релаксирање секоја вечер, во исто време, по ист редослед, исти активности. На пример бањање, цицање/пиење АД млеко, читање приказни и слушање музика. Применувајте ги овие или слични активности секоја вечер, во исто време и вашето бебе за кратко време ќе стекне здрави навики во спиење.

Секако дека како родител ќе треба да се откажете од некои сопствени рутини во тоа време: како што е одмор или пиење кафе со пријателите или гледање омилениот филм или читање книга... или што и да правевте претходно во тоа време кога немавте бебе. Тоа е нормално и е со цел на вашето бебе да му обезбедите правилен раст и развој. Се претпоставува дека секој човек е свесен дека кога ќе стане родител ќе има промени во неговиот живот. Не значи дека ќе престанете со живеење и дека детето ќе стане центар на вашиот свет. Но, промени секако ќе има.

Што појасно си ја знаеме и сфаќаме нашата улога и одговорност како родители, многу полесно ќе обезбедиме здрава и мотивирачка средина за растење на нашето дете.

Безбедна и пријатна средина за спиење

Одржувањето на безбедна и пријатна средина за спиење го подобрува времетраењето и квалитетот на спиење. Вообичаено пријатната средина за спиење треба да биде мирна, тивка, темна и со поладни температури. Најдобра е онаа температура која ви одговара и вам. За бебиња над 3.6 кг одговара температура од околу 20 степени додека за помали бебиња може да биде и неколку степени повисока.

При изборот на креветче внимавајте да нема делови во кои би можела да се заглави главата на бебето или кои би преставувале опасност за него. Душекот за креветчето треба да е со цврста површина за спиење и цврсто да се смести во креветчето. Се препорачува отстранување на сите перници и полнети (плишани) играчки од креветчето. Никогаш не оставајте во креветчето нешто што би можело да биде опасно за бебето. Во креветчето не треба да има какви било предмети со остри рабови или ќошиња, ниту предмети од кои бебето би можело да се задуши (играчки, врвци, лигавчиња, крпи и сл.).


Во текот на спиење бебето треба да биде ставено на грб, бидејќи истражувањата покажуваат дека спиењето во оваа позиција значително го намалува ризикот од синдром на ненадејна смрт на новороденчето. Кога новороденчето спие на стомак, нема сила за да се крене и да ја сврти главата, па е можно да дојде до гушење. Ова е особено опасно доколку бебето спие на мека подлога. Покрај тоа лежењето на стомак го отежнува дишењето на бебето и не се препорачува, се до навршувањето на шестиот месец.


Спиење кај новороденче

Соодветни асоцијации (потсетувања) за почетокот на спиењето

Асоцијации за започнување на спиење се оние состојби кои се присутни во моментот на започнување на спиењето, како и во ноќта кога бебето ќе се разбуди. Всушност тие се помошни активности кои му помагаат на бебето да заспие. Крајната цел која сакаме да ја постигнеме при заспивање на бебето е всушност самостојност – бебето да научи самостојно да се смири и да заспие. На пример ставањето на новороденче во кревет кога е поспано, но сепак е будно, оставајќи го да спие самостојно е препорачан пристап за доенчињата да развијат соодветни асоцијации за почетокот на спиење. Преодни предмети, како што ќебиња, кукли, плишани играчки исто така може да им помогнат на малите деца да ја поттикнат независноста и да се смират себеси за да заспијат.


Идејата не е да го оставиме бебето во кревет да плаче, да се измори и така да заспие. Особено ова не е препорачливо кај новородени бебиња. Бебето плаче бидејќи бара утеха, љубов, нежност, близина на мајката. Доколку не реагираме на бебешкиот плач, бебето ќе се навикне дека нема никој и ќе заспие. Но пораката која ја испраќаме и она што го доживува бебето е дека е оставено само, исплашено и дека нема никој што ќе му даде утеха. Тенка е линијата до манипулација, но не заборавајте дека новороденчето НЕ знае и не може да манипулира. Плаче единствено затоа што има потреба од нешто. Да, можеби тоа е само гушка на мајката, но за новороденчето близината на мајката е целиот негов свет.

Идејата со асоцијации е да создадеме навики, активности кои ќе го потсетуваат бебето дека треба да заспие и/или дека треба да продолжи да спие. Можеби е тоа чешкање по грбот. Ќе го ставите бебето во креветче, ќе го почешкате и тоа ќе заспие. Со тек на време секој пат кога ќе го почешкате, бебето ќе знае дека треба да спие. Дали кога ќе се разбуди во текот на ноќта, ќе треба да станете и да го почешкате? Да, доколку е тоа асоцијација на спиењето за вашето бебе. Незгодно е да се станува ноќе да се чешка бебе? Незгодно е. Но и тоа е дел од родителството.


Медиуми и електронски уреди

Сведоци сме дека малите деца се изложени на значително повеќе медиуми во текот на последните неколку децении. Прекумерната изложеност на медиумите може негативно да влијае на времетраењето и квалитетот на спиењето, но и да предизвика тешкотии и нарушувања во спиењето. Паметните телефони, таблети, компјутери, телевизија не само што ја нарушуваат релаксираната состојба потребна за започнување на спиењето, туку исто така го потиснуваат нормалниот вечерен наплив на мелатонин и го менуваат циклусот на спиење/будење преку изложување на светлина. На сите родители им препорачуваме да ги отстранат телевизорите и електронските уреди од просторијата каде што спие бебето.


Редовен дневен распоред на активности

Бебињата треба да се охрабрат, односно ние како родители треба да ги подучиме и да создадеме средина во која ќе можат да развиваат постојан распоред на спиење, активности во домот и надвор од домот, време за јадење, време за играње... На овој начин на бебето ќе му помогнеме во регулирањето на внатрешниот часовник и синхронизирањето на циклусот спиење - будење. На пример, секојдневната изложеност на сонце особено наутро и избегнувањето на директна изложеност на светлина навечер може соодветно да ја регулираа секрецијата на мелатонин и да го олесни заспивањето. Доказите базирани на истражувањата во последниве години сугерираат дека времето на јадење значајно може да влијае и на циклусот спиење-будење. Како што веќе спомнав рутината и предвидливоста се исклучително важни за бебето, во процесот на создавање навики. Бебињата и малите деца не сакаат хаос и непредвидливост. Секоја ненадејна и невообичаена активност предизвикува збунетост кај детето и може да резултира со неочекувано однесување на детето. Затоа е пожелно од почеток ние да создадеме навики, рутина и дневен распоред на активности кои потоа ќе се надоградуваат како што детето расте.


Каде да спие бебето?

Ова е прашање за кое се дебатира повеќе отколку за потенцијална локација на Троја. Дали детето треба да спие со родителите во иста соба, во ист кревет или не? На ова влијаат и начинот односно стилот на родителство како и културолошките погледи на прашањето. Во некои култури вообичаено е, а во некои и задолжително бебето да спие со мајката, додека во други бебето од првиот ден спие во креветче разделено од мајката (родителите). Бебето во првите неколку месеци треба да спие во собата на родителите, но во свое креветче. Зошто?

Во првите неколку недели бебето спие во кратки интервали. Во просек сонот кај бебињата трае 2 до 4 часа. Бидејќи желудникот на новороденче, и количина на храна која ја прима новороденче е мала. Млекото лесно се вари, што значи дека новороденчето ќе јаде често на секои 2 до 3 часа. Доколку бебето спие во соба со родителите, родителите полесно и побрзо ќе забележат дека се буди и ќе бидат подготвени да го нахранат пред да стане нервозно и прегладно. Доколку го доите вашето бебе, спиењето во иста соба е посебно практично бидејќи едноставно ќе станете, ќе го земете бебето да цица, и потоа ќе го вратите на спиење а и вие ќе се вратите на спиење многу побрзо.

Доколку бебето се разбуди и почне да кенка, а не е гладно, бидејќи спие блиску до вас, едноставно ќе можете да го погалите или да го нишкате креветчето без да станувате од вашиот кревет.

Вашето бебе само еднаш е новороденче. Тој период ќе помине за миг. Не се плашете дека ќе го разгалите бебето бидејќи спие неколку месеци во вашата соба. Токму спротивно, ќе му овозможите чувство на сигурност, љубов, емпатија и нежност.

Бебето и детето можете да го разгалите понатаму доколку се однесувате нерационално и неразумно во поглед на воспитување, комуникација и поставување на граници.

Зошто не во ист кревет? Пред сè заради безбедносни причини. Мајките во првите месеци се изморени и вообичаено ненаспани. Возможно е во текот на спиењето мајката или таткото да префрлат рака преку бебето доколку спие во ист кревет со нив и на таков начин да ја загрозат безбедноста на детето (ризик од задушување). Покрај тоа многу поголеми шанси се бебето да падне од родителскиот кревет, без оглед на тоа што вие мислите дека тоа е невозможно доколку спие во средина или на одредена страна од креветот. Заедничкото спиење создава навика која потоа потешко се искоренува и возможно е детето да спие до 4-5 години со родителите во ист кревет.

Како и кај сите други прашања кога се работи за деца и родителство, сето она што ви одговара вам е исправно и добро за вашето бебе, сè додека и бебето и вие сте безбедни и создавате здрави навики и темел за понатамошен раст и развој. Ова значи дека доколку на вас ви одговара да спиете заедно со бебето и сте во состојба да обезбедите безбедна средина во текот на спиењето, само напред. Вие сте родител и вие носите одлуки.


Без оглед на тоа каква одлука носите, никогаш не заборавајте дека секоја одлука има последица, а тоа е особено важно кога се работи за долгорочни одлуки. Родителство не е само долгорочно, туку трае засекогаш.






61 views0 comments