Што треба секое дете да совлада во претшколските денови?

Во процесот на раното учење, и воспитувачите и децата имаат активна улога. Министерството за труд и социјална политика има издадено прирачник за примена на стандардите за рано учење и развој. Овој прирачник е наменет за воспитувачите во градинките со цел примена на добри практики за поттикнување на раното учење кај малите деца. Стандардите за рано учење и развој претставуваат основа за конципирање на целокупната предучилишна воспитно-образовна дејност.


1. Оптимален амбиент за рано учење

Ефективните програми за поттикнување на раното учење кај малите деца најчесто се комбинирани и содржат активности што во исто време се насочувани и од возрасните(воспитувачите, родителите) и од самите деца. Помеѓу овие два модела на учење не постои строга граница. Успешниот воспитувач знае да одбере што е најсоодветно за поттикнување на раното учење кај секое дете одделно.


2. Здравје и моторен развој

Голем број истражувања потврдуваат дека децата не ги учат основните физички вештини само со спонтано играње. Затоа е потребно зајакнување на искуството на децата во нивните секојдневни моторни активности преку насочени активности за движење. Амбиентот во паркот од градинката е идеален за поттикнување на моторниот развој. Постојат груб и фин моторен развој кои треба да се развиваат преку посебно предвидени активности.


3. Социоемоционален развој

Социоемоционалниот развој се смета за најважен домен во раниот детски развој поради тоа што го засега развојот на сите други домени. Социјално и емоционално компетентно мало дете е она што е способно за позитивна интеракција со врсниците и возрасните лица во својата околина и што низ тие заемни односи постојано ја унапредува таа своја компетентност.


Девојче на претшколска возраст се држи за прозорец во домот и се смее
Што вашето најмило има совладано досега?

4. Јазик, комуникација и развој на писменост

Усното изразување е основа на учењето на писменоста. Охрабрувањето на малите деца постојано да зборуваат има огромни предности. Голем број истражувања и стручни публикации укажуваат на фактот дека постои директна врска помеѓу развојот на јазикот, вербалните вештини на изразување и достигнувања на детето во читањето и пишувањето. Родителите заедно со воспитувачите можат да направат многу за да го поттикнат и збогатат развојот на јазикот кај малите деца, кој понатаму води до развој на писменост и јазична елоквенција.


5. Когнитивен развој

Когнитивниот развој вклучува комплекс на ментални активности како истражување, внимание, помнење, создавање ментални слики, размислување, резонирање, разбирање на концепти, класифицирање, сортирање на поими, решавање на проблеми. Постои заемна поврзаност помеѓу сите домени: когнитивниот развој има особено големо влијание врз социо-емоционалниот развој и врз развојот на јазикот, и обратно.


6. Пристап кон учење

Пристапот кон учењето се однесува на интересот, расположението или стиловите што ги користат децата во процесот на раното учење, а не на знаењата и вештините со кои се стекнуваат во процесот на учењето. Воспитувачите треба да креираат такви можности за учење, кои ќе ја поттикнуваат иницијативноста кај децата, почитувајќи ги интересот на детето и неговиот избор.

42 views0 comments